Министерството за економија ќе соопшти мерки за поскапувањето на основните прехранбени производи утре или во понеделник, поради кои граѓаните организираат бојкот на поголемите маркети.
Министерот Бесар Дурмиши најави дека ќе се одржи средба со синдикатите, потрошувачките организации и релевантните институции за новата методологија за пресметка на потрошувачката кошница.
„Разбирам организирањето на бојкотите и го поддржувам, но не ќе дозволиме шпекулативни практики кои ја зголемуваат цената на производите. Ќе преземеме соодветни мерки“, изјави Дурмиши.
Тој информираше дека Државниот пазарен инспекторат ќе заврши контроли до крајот на неделава, кои ќе вклучат дистрибутери, добавувачи, производители и трговци, за да се провери дали е зголемена маржата на цените.
Во однос на минималната плата, Дурмиши потврди дека Владата ја поддржува усогласената методологија и е подготвена да ги поддржи новите договори ако синдикатите и работодавачите се усогласат.