Политичката кампања во Битола влезе во скандалозна фаза откако кандидатот за советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Петровски, на социјалната мрежа Фејсбук ја прогласи независната кандидатка за градоначалничка Габриела Илиевска за „умрена“. Несоодветниот коментар предизвика лавина од реакции и остра осуда од Илиевска, која порача дека ова е „вистинското лице на Тони и екипата која сака нов мандат“.
Инцидентот се случил под објава на актуелниот градоначалник и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Коњановски, каде Петровски напишал: „Го прогласувам нусето Габриела за умрено!“.
Реакцијата од независната кандидатка од листата „Поинаку“ беше експресна. „Кандидат за советник ме прогласва за умрена! Ова е вистинското лице на Тони и екипата која сака нов мандат! Изгледа само умрени му требаат за да престанат да крадат!“, напиша Илиевска.
Коментарот на Петровски предизвика и гнев кај други корисници на социјалната мрежа, кои го осудија неговиот речник како срамен и недоличен за кандидат за јавна функција. „Не ти е срам бе? Кандидат за советник? Резил!!!!“, гласи еден од коментарите.
Наместо извинување, кандидатот за советник продолжил со навреди, па во друг коментар напишал дека листата „Поинаку“ го сменила името во „Дамбетер!“.