Кандидатот за советник во Општина Кочани од коалицијата „Заедно за успех“, Марио Паунов, предложи сите новоизбрани советници да се откажат од своите паушали со цел да се формира солидарен фонд за помош на семејствата на настраданите во трагедијата во дискотеката „Пулс“. Овој предлог доаѓа како реакција на, како што вели, злоупотребата на несреќата за политички поени од страна на една политичка партија за време на кампањата.
„Многу врева и ветувања, малку конкретни дела и резултати!“, порача Паунов, обвинувајќи за демагогија и празни зборови.
Според неговиот предлог, средствата од паушалите на советниците би се слевале во солидарен фонд наменет за повредените деца и нивните семејства, како и за сите семејства кои ги изгубија своите најблиски во пожарот. „Со реализација на оваа идеја да издвоиме мала победа во општество каде сите сме големи губитници. На дело да покажеме кој навистина му мисли добро на градот и на Кочанчани“, изјави Паунов.
Тој повлече паралела со хуманитарната работа на волонтерите од здружението „Support Kocani“. „Ако волонтери на Support Kocani можеа да работат волонтерски со месеци и безброј непроспиени ноќи, тогаш и советници на општина Кочани можат да работат во интерес на градот, а нивните паушали да ѝ помогнат на најзасегнатите“, се вели во предлогот.
Паунов нагласи дека граѓанска обврска е да се бори за правда и рамноправност, завршувајќи ја својата порака со почит кон жртвите: „Вечна им слава на загинатите ангели и почивајте во мир!“.
Марио Паунов не успеа да влезе во Советот на општината.
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Грозданов, оствари убедлива предност во првиот круг од изборите за градоначалник на Кочани, но за конечна победа ќе мора да се бори во вториот круг против независниот кандидат Венко Крстевски, покажуваат првичните неофицијални резултати. Кандидатот на СДСМ, Игор Христов, доживеа пораз, освојувајќи го третото место.
Според досега обработените податоци, Влатко Грозданов освоил 39,79% од гласовите (5.641 глас).
На второто место, со што обезбеди пласман во вториот круг, е независниот кандидат Венко Крстевски со освоени 23,94% од гласовите (3.394 гласови).
Кандидатот на коалицијата предводена од СДСМ, Игор Христов, е на третата позиција со 17,24% (2.444 гласови).
Забележителен е и резултатот на вториот независен кандидат, Зоран Тодоров, кој освоил 10,51% од гласовите, што покажува дека независните кандидати заедно освоиле над 34% од гласовите во Кочани.