Каранфилова Пановска по изборниот пораз: „СДСМ се враќа на голема врата“

Заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова Пановска, испрати оптимистичка порака по денешниот изборен ден, изјавувајќи дека „СДСМ се враќа на голема врата“. Изјавата доаѓа по првиот круг од локалните избори на кои, според првичните неофицијални резултати СДСМ води во осум општини.

И покрај пораката на заменик-претседателката, првичните резултати покажуваат дека СДСМ изгуби голем број општини низ државата. Кандидатката за градоначалник на Скопје, Каја Шукова, според досегашните податоци, го освои петтото место со поддршка од околу 11,18% од гласачите.

Дополнителен удар за партијата е и загубата на Струмица, општина која со години важеше за еден од најголемите бастиони на социјалдемократите. Актуелниот градоначалник Костадин Костадинов вечерва и јавно му ја честиташе победата на противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ.

Пораката на Каранфилова Пановска се толкува како обид да се мотивира партиското членство и да се најави процес на консолидација по изборниот пораз.