Општина Карпош ги засилува превентивните активности за намалување на ризикот од ширење на вирусот на Западнонилската треска, во услови на регистрирани случаи и зголемено присуство на вирусот.
Од Општината информираат дека континуирано ја следат состојбата и соработуваат со Град Скопје и надлежните институции околу спроведувањето на препорачаните мерки.
На 19 август во Град Скопје бил одржан координативен состанок со градоначалниците на скопските општини, на кој биле разгледани надлежностите на локалните самоуправи и дополнителните превентивни активности. Општина Карпош учествувала и на состанок со Министерството за здравство, каде што биле разгледани состојбата со заразените лица, присуството на вирусот кај мртви птици, потенцијалните жаришта во Скопје и мерките за заштита на населението.
Дополнително прскање против комарци
Како дел од засилените мерки, денеска е реализирано дополнително авионско прскање против ларви на комарци. Дополнително теренско прскање против возрасни комарци е планирано за во недела во вечерните часови.
Од Општина Карпош посочуваат дека дезинсекцијата се спроведува на претходно идентификувани критични локации каде што постојат услови за задржување вода и размножување на комарци.
Од мај досега, согласно плановите и обврските на Град Скопје, реализирани се три авионски и четири теренски прскања против ларви, како и три авионски и три теренски прскања против возрасни комарци.
Од Општината апелираат и до граѓаните да преземат мерки во своите домови и околината, бидејќи застоената вода претставува погодна средина за размножување на комарците.
Се препорачува да се проверат дворовите, терасите и заедничките површини и да се отстранат садови, саксии, канти, непокриени резервоари и други места во кои може да се задржува дождовница. Граѓаните се повикуваат и да пријавуваат неисправни хидранти и други потенцијални жаришта.
Апел: Не допирајте мртви птици
Општина Карпош особено предупредува граѓаните да не допираат мртви птици со голи раце.
Доколку биде забележена мртва птица, таа треба веднаш да се пријави во Агенцијата за храна и ветеринарство, по што надлежните служби ќе организираат преземање и понатамошни анализи.
Телефон за пријавување: 070/771-111.
Од Општина Карпош велат дека ќе продолжат со превентивните активности во координација со Град Скопје и надлежните институции, но нагласуваат дека за намалување на ризикот е потребно и активно учество на граѓаните.