Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, денеска официјално го доби уверението од Општинската изборна комисија, со што и формално го започна својот втор мандат на чело на општината.
„На моите сограѓани им ветив дека ќе имаат бесплатен јавен превоз и тоа ветување ќе го исполнам. На првата седница на новиот Совет ќе биде донесена одлуката за бесплатен превоз за сите граѓани на Тетово,“ изјави Касами.
Тој додаде дека ваквата мерка ќе придонесе за поуреден град, намалување на сообраќајниот метеж и загадувањето, но и за создавање поекономично секојдневие за жителите.
Градоначалникот најави континуитет во реализацијата на започнатите проекти, меѓу кои го издвои колекторот за отпадни води со филтер станица во селото Фалише, инвестиција вредна над 40 милиони евра.
„Веќе сме во завршна фаза на избор на оператори за реализација на проектот. Очекувам градежните активности да започнат на пролет,“ рече Касами.
Тој истакна дека следните четири години ќе донесат нов циклус на развој за Тетово – со изградба на нови училишта, подобрување на патната инфраструктура, нова водоводна мрежа и завршување на градскиот стадион.
„Со реализацијата на овие големи проекти ќе докажеме дека во Тетово нема пред и после изборни активности – ќе работиме со иста динамика. Сакам Тетово да личи на европски град и тоа ќе го постигнеме,“ порача Биљал Касами.