Казните од Сејф сити за лизинг-возила ќе стигнуваат директно кај возачите

Една лизинг-компанија од Македонија испрати известување до своите корисници дека, по официјално барање од Министерството за внатрешни работи и согласно законските обврски поврзани со проектот „Безбеден град“, до МВР се доставени податоци за корисниците на возила земени на лизинг.

Со тоа, како што се наведува во известувањето, во иднина корисниците ќе бидат директно известувани од МВР во случај на сторен сообраќаен прекршок со возилото што е предмет на лизинг.

Лизинг-компанијата појаснува дека, согласно измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за прекршоците, како и примената на новиот електронски систем за евиденција на прекршоци, таа нема да прифаќа прекршочни платни налози кои евентуално би биле доставени до неа за возила дадени на лизинг.

Во такви случаи, компанијата најавува дека ќе се обрати до надлежен суд и ќе достави поднесок дека возилото е предмет на договор за лизинг и дека е дадено во владение на корисникот, кој реално управува со возилото.

Причината за ваквата постапка, се наведува, е тоа што лизинг-компанијата не може да се смета за одговорна за сторен сообраќаен прекршок, бидејќи не управува со возилото. Прифаќањето на одговорност, според нив, би значело прикривање на вистинскиот сторител, што е спротивно на закон и подлежи на санкции.

Истовремено, од компанијата посочуваат дека ваквиот пристап ги штити и правата на корисниците, кои ќе можат да поднесат приговор доколку не ја прифаќаат одговорноста, или, доколку ја прифаќаат, да го искористат законското право на 50 проценти намалување на казната при навремено плаќање.