Интензивно се работи на изградба на кафилерија во Македонија, како и на решавање на долгогодишниот проблем со немањето гробишта за домашни миленици. Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов, во изјава за МИА посочува дека до средината на 2026 година се очекува да бидат договорени основите за двата проекта, вклучително и локациите и потребната инфраструктура, по што би започнала и нивната практична реализација.
Миланов наведува дека досега во најголем дел милениците по угинувањето биле оставани на депонии каде што се фрла и комуналниот отпад. Во однос на кафилеријата, посочува дека ова прашање се разгледува уште од 2019 година, но досега не била утврдена соодветна локација.
Како една од опциите што се разгледуваат, директорот на АХВ ја посочува и можноста секоја општина да има прифатилиште за бездомни кучиња, како и гробишта за домашни миленици.
„Во текот на неделава ќе имаме состанок со министерот за локална самоуправа и со ЗЕЛС. Една од темите ќе биде формирање нови локации, надвор од урбаните средини и ненаселени места, каде што би можело да се изградат гробишта за миленици, а каде што е можно и прифатилишта. Тоа ќе им биде укажано на градоначалниците“, вели Миланов.
Во врска со кафилеријата, тој потсетува дека во изминатите години биле разгледувани неколку локации, меѓу кои Лозово и Росоман, но предлозите не поминале поради противење на локалните советници и недоволна информираност на населението.
„Постоеја стравувања дека ќе има согорување со непријатни миризби, иако станува збор за херметички затворен процес. Сега се разгледува модел на јавно-приватно партнерство, а по празниците се очекуваат разговори со министерот и советниците на премиерот. Како алтернатива, се разгледува и најновиот модел што се применува во повеќе европски држави – мобилна кафилерија, која овозможува преземање на трупот и негово согорување на точно утврдена локација“, истакнува Миланов.
