Речиси шест години барокните канделабри стојат превртени и затрупани во ѓубре на плоштадот ВМРО, пред белата палата. Масивните канделабри ги постави ексградоначалникот Коце Трајановски во рамките на проектот „Скопје 2014“ при изградбата на плоштадот.
Но, откако почна изградбата на новиот објект на ТЦЦ „Плаза“ тие беа извадени оти пречеа на градилиштето и оставени превртени на плочникот. Оттогаш речиси 6 години тие стојат како чир, врз нив се трупа ѓубре и целосно е уништен тој дел од плочникот.
Расфлените канделабри се само еден дел од ужасната слика за плоштадот ВМРО. Овој дел од градот е целосно запуштен. Плоштадот е валкан, насекаде има пикавци и џебен отпад, расфрлани се тараби од градилиштето на ТЦЦ „Плаза“. Фонтаната не работи со години и плоштадот личи како никој да не го чисти иако за него од буџетот на Град Скопје се потрошени 1,5 милиони евра.
И покрај тоа што станува збор за строгиот центар на градот и околу се наоѓаат низа јавни институции како Министерство за финансии, Министерство за труд и социјална политика, Државни патишта, како и седиштето партијата ВМРО-ДПМНЕ, тоа на никому не пречи.
Плоштадот ВМРО е под надлежност на Град Скопје, но од таму и во времето на ексградоначалникот Петре Шилегов не го ослободија просторот од нив, ниту пак тоа има намера да го направи актуелната градоначакничка Данела Арсовска.
Плоштадот ВМРО беше изграден во 2016 година. Фонтаната е изведена по идејно решение на Елена Дуковска. На врвот стои лав, а на столбот има релјефи од историјата на ВМРО.