Владата на денешната 74-тата седница разгледа и усвои информација за потреба за основање на Факултет за медицински науки и здравство при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) – Битола.
Како што велат, формирањето „претставува стратешка неопходност за унапредување на здравственото образование особено во Пелагонискиот и Југозападниот регион на Република Северна Македонија“ и оти тој „ќе има задача да биде правен наследник на Високата медицинска школа, каде освен тригодишни студии ќе може да се акредитираат четиригодишни студиски програми по медицински сестри и акушерки“.
Министерството за образование и наука предложило Факултетот за медицински науки и здравство при УКЛО Битола да отпочне со работа од студиската 2026/2027 година, сепак од Владата велат дека е потребно време да се испочитуваат мислењата од сите надлежни институции, како на пример да се разгледа проектот за основање на Факултетот за медицински науки и здравство како единица во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола од страна на Одборот за акредитација на високото образование, да се донесе закон за основање, и да се испочитува членот 149 од Законот, каде е наведено дека запишувањето на студии се врши врз основа на јавен конкурс кој го објавува универзитетот, односно самостојната висока стручна школа кој ги реализира студиите најмалку пет месеци пред започнувањето на наставата.