Ќе се позиционира ли Македонија како нов рударски центар? Турција веќе го менува курсот

Турција постави амбициозна цел – да стане еден од петте најголеми светски производители на ретки земјени елементи и најави отворање на десетици нови рудници. Овие минерали се од клучно значење за современите индустрии, каде што доминира Кина.
Според претседателот Реџеп Таип Ердоган, се извршени геолошки истражувања на повеќе од 310 локации, при што се идентификувани најмалку 10 ретки елементи. Покрај тоа, Турција ќе изгради и центар за преработка на руди со капацитет од 1.200 тони годишно – чекор што ја позиционира како сериозен играч во глобалниот рударски бизнис.

„За да го претвориме овој пилот-центар во заокружена индустрија, Турција ќе продолжи да развива технологии за прочистување на рудата“, истакна турскиот претседател.

Министерот за енергетика Алпарслан Бајрактар, истакна дека во регионот Бејликдузу се идентификувани 694 милиони тони на резерви од овие вредни ресурси, кои се клучни за производство на електрични возила, батерии и високотехнолошка опрема.

„Критиките за „претворање на целата земја во рудник“ не е точна. Одбиени се речиси 97 илјади барања, а во моментов има околу 8 илјади активни дозволи. Всушност, рударските области зафаќаат само 0,1% од територијата на Турција. Турција сè уште е нето увозник на минерали иако е на седмо место по најголемо минерално богатство во светот. Новиот закон за рударство има за цел да го направи секторот попривлечен за инвеститорите“, потенцира министерот Бајрактар.

Иницијативата беше поздравена од Асоцијацијата на рудари, од каде укажаа да се поддржи ископот и на критичните минерали како бакар, графит, кобалт, литиум, никел и други.

„Ограничувањата на Кина создаваат значителни ризици од геополитичка зависност во енергетската трансформација и производството на напредна технологија во големите економии. Ќе бидеме сведоци на големи трговски војни поради ризиците од снабдување со суровини во следните три до пет години. Турција е богата со геолошки ресурси и минерална разновидност, па затоа би било во наша корист побрзо да ги спроведеме потребните акциски планови што моментално се подготвуваат“, изјавил Чабер Занбак, претседател на турската Асоцијација на рудари.

Доколку Турција успее во намерата да ја индустријализира преработката на руди, земјата може да очекува приходи од 220 милиони долари, со годишно производство од околу 570 илјади тони руда.

Домашните експерти пак, исто така нагласуваат дека Македонија треба да обезбеди континуитет во инвестирањето во минералната индустрија и да се одржи позитивен раст на инвестициите во оваа гранка. Според нацрт текстот на Стратегијата за минерални суровини која ја изработуваше МАНУ, „имајќи ја предвид континуираната висока побарувачка за метали и минерали, Македонија треба добро да се постави за да може соодветно да одговори на идните зголемувања на потреби за снабдување со суровини“.

„Денешниот силен меѓународен фокус на суровините значи дека е важно Република Северна Македонија да биде поистакната како рударска нација и активно и успешно да учествува во меѓународните дискусии и активности кои се занимаваат со идната продажба на суровини и нивното користење. Посебен фокус треба да се стави на следење и влијание врз работата на ЕУ во областа на минералите и суровините и на внатрешниот пазар за овие стоки. Важно е да се задржи оваа атрактивност наспроти конкуренцијата, бидејќи и другите земји

спроведуваат слични иницијативи за зајакнување на нивните минерални индустрии“, се вели во нацрт текстот на Стратегијата.

Според авторите, Македонија треба да се промовира како лидер во овој дел на Европа во полето на рударството и истражувањето на минералите, а македонските претпријатија треба да  работат во многу ефикасни кластери во партнерство со универзитети и истражувачки институти. Во Стратегијата се потенцира дека властите треба да иницираат повеќе геолошки истражувања и додаваат дека земјава поседува минерали како бакар, олово, цинк и други. Сепак, во Македонија нов сериозен рудник се нема отворено во изминатите четириесет години. Нов стимул се очекува со најавените закони за рударство и геологија, кои би поттикнувале нови инвестиции во рударството со запазување на безбедносните стандарди.