Д-р Сашко Кедев, по приемот на Орденот „8 Септември“, изјави дека искачувањето на сите 14 највисоки врвови на планетата го доживува како заеднички, национален успех.
„Силата ми ја даде токму тоа – да го однесам македонското знаме на сите врвови. Овој успех го посветувам на сите граѓани и на Македонците ширум светот“, порача Кедев.
Тој упати благодарност и до своите колеги од Интервентната кардиологија, истакнувајќи дека вистинската вредност во животот лежи во активностите што се водени од искрена мотивација, а не во конечната цел.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова му го додели високото признание за неговите значајни заслуги во медицината и за историскиот алпинистички подвиг со кој Македонија се вброи меѓу ретките држави што имаат свој претставник на „Круната од 14 осумилјадарки“.