Кеш-трансакциите доминираат на пазарот на недвижности во регионот, вклучително и во Македонија – од каде толку готовина?

Додека во Западна Европа и САД купувањето недвижности без хипотекарен кредит е речиси незамисливо и резервирано само за најбогатите, во земјите од Адрија регионот, вклучително и Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина, плаќањето станови и куќи во готовина е вообичаена практика.

Овој тренд, како што се наведува во анализата, останува константен без оглед на движењето на каматните стапки за станбените кредити. Иако станбеното кредитирање бележи променливи движења во различни земји од регионот, се чини дека купувањето со кеш е длабоко вкоренето.

Ваквата состојба ја наметнува дилемата – од каде доаѓа толку голема количина на готовина на пазарот на недвижности во овие земји?.

Кога се бара одговор на ова прашање, неизбежно се споменува проблемот со сивата економија, која сè уште е значајно присутна, во помал или поголем обем, во сите држави од регионот. Ова остава простор за сомнеж дека дел од парите кои се влеваат во пазарот на недвижности потекнуваат токму од неформалните економски текови.