На денешното рочиште за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, обвинетиот Влатко Кешишев беше детално испрашуван од друг обвинет – Љупчо Палевски, кој постави над 90 прашања. Испитувањето се фокусираше на прашања за евентуални закани, уцени, координација со останатите обвинети и хронологијата на настаните во споредба со видео-снимките презентирани од Обвинителството.
Кешишев негираше дека бил подложен на закани од страна на Палевски или дека истиот вршел притисок врз членови на движењето „Десна“ и посетители. Напротив, рече дека Палевски секогаш само давал совети.
Кешишев призна дека на видео-снимките се гледа синиот ранец, за кој рече:
„Се гледа на сите снимки, не можам да го побијам тоа.“
Тој додаде дека претпоставува оти во ранецот имало пиштол, иако не може со сигурност да потврди.
Во однос на настаните во Демир Капија, Кешишев изјави дека иницијатива за одењето таму дал обвинетиот Велимир, кој тврдел дека има злато. Прашан за временската рамка на движењето, потврди дека одговара на презентираните снимки. За моторолите рече дека смета оти биле нарачани преку Фејсбук од Палевски, но не биле доставени до штабот во Кисела Вода.
Кешишев рече дека дупката каде што била закопана Вања била ископана пред да се слушне истрелот. Тој тврди дека не слушнал ништо од детето бидејќи бил оддалечен околу 20 метри, и не забележал разговор меѓу обвинетиот и детето – само како Палевски стои над отворениот багажник.
Во врска со информации за мотивите за убиството, рече дека не слушнал ништо за „Фершпед“, „А1“ или „стан во Охрид“. Потврди дека тој ги упатил полицајците до местото Бразда.
Кешишев потврди дека бил физички малтретиран од полицијата и во притвор.
„Да, тепан сум, два пати ме носеа во болница…“ рече тој, додавајќи дека откако началникот дошол, тепањето престанало и почнал разговор.
„Му реков дека имам грижа на совеста поради тоа што го видов за детето и дека ќе си кажам сѐ, и со ќутек и без ќутек.“
Адвокатот на Палевски, Јовица Страшевски, го испрашуваше Кешишев околу ископувањето на дупката. Кешишев негираше дека ја копал дупката заедно со обвинетиот Манев. Тој изјави дека полицијата ја прибрала лопатата пред него, но дека имало и друга лопата за која не знае кој ја зел.
Во однос на времето на убиството на Панче Жежовски, Кешишев рече дека не го знае, но призна дека не се повлекол по првото убиство, бидејќи: „Премногу имав слушнато, и кога Вељо ми рече дека никој не смее да знае, го земав здраво за готово.“
На прашањето дали некој го зел „фантомскиот“ ранец кој е важен за постапката, Кешишев одговори:
„Никој не дошол да земе ранец, барем не пред мене.“
Судењето продолжува во понеделник со прашања од Судот, по што ќе сведочи обвинетиот Александар Ѓорчевски, а потоа и Љупчо Палевски.
Обвинителството тврди дека Љупчо Палевски, заедно со Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски, ја испланирале и реализирале киднапирањето на 14-годишната Вања со цел да изнудат откуп од нејзиното семејство. Панче Жежовски, пак, бил киднапиран во Велес за да се добие неговото возило „Цитроен“, со кое било извршено киднапирањето на Вања.
Двете жртви беа пријавени за исчезнати на 24 и 27 ноември, а нивните тела беа пронајдени на 3 декември 2023 година.