Ќира обвини за притисоци кај општинската администрација, јавните претпријатија и училиштата од страна на коалицијата НАИ

Независниот кандидат за градоначалник на Општина Струга, Менди Ќира, денеска на прес-конференција обвини дека вработените во општинската администрација, јавните претпријатија и училиштата трпат закани и притисоци од страна на претставници на коалицијата Национална алијанса за интеграција (НАИ) предводена од ДУИ.

Во изминатата недела, десетици граѓани, вработени во општинската администрација и јавните претпријатија, се обратија кај мене и кај претставниците на мојот штаб за да кажат дека биле заплашени со различни закани и притисоци од претставници на НАИ и лица кои ја водат кампањата на мојот противкандидат. Вработените трпат закани дека, доколку не гласаат за кандидатот на НАИ, ќе бидат избркани од работа или ќе бидат тргнати од позициите, рече Ќира.

Според него, претставниците на НАИ „користеле кампања со стари методи, кои партиите внатре во НАИ ги применувале повеќе од 20 години“.

Посочи дека се вршел притисок и врз општинските инспектори да бидат што повеќе на терен и да вршат условувања врз малите и средните бизниси.

Притисок врз малите и средните бизниси преку општинските инспектори, кои ги заплашуваат дека доколку не работат и не ги принудуваат своите вработени да гласаат за НАИ, ќе им бидат изречени казни или ќе им се затворат бизнисите. Се врши притисок и врз наставниците, директорите на училиштата и други општински институции, изјави Ќира.

Тој упати апел до сите претставници на Национална алијанса за интеграција и до оние што стојат зад нив – „веднаш да престанат со заканите и притисоците врз администрацијата на Општината и општинските институции“.

Доколку продолжат, ќе ги објавиме сите имиња на заканувачите и ќе ги пријавиме во надлежните органи. На граѓаните, на вработените во општинските институции, им порачувам – не плашете се и не подлегнувајте на притисоци. Никој нема да се осмели да ве допре, да ве отпушти или да ве деградира од работното место, истакна независниот кандидат Ќира.