Македонија

„Киро Глигоров го имаше 001, јас го имав 101“ – Горан Михајловски го чува првиот пасош на независна Македонија

„Киро Глигоров го имаше 001, јас го имав 101“ – Горан Михајловски го чува првиот пасош на независна Македонија
ФОТО: 4TV Прв македонски пасош - Горан Михајловски

Триесет и пет години по прогласувањето на независноста, новинарот на СДК.МК, Горан Михајловски во својата домашна архива чува предмети кои денес се дел од историјата на македонската држава. Меѓу нив е и пасошот со број 101 – еден од првите македонски пасоши издадени по осамостојувањето.

„Киро Глигоров го имаше 001. Мојот пасош е 101“, раскажува Михајловски во интервју за 4ТВ, покажувајќи го документот кој го добил во првите години од независноста.

До пасошот стигнал благодарение на тогашниот функционер во безбедносните структури Павле Трајанов. Михајловски, тогаш млад новинар, сакал да го има првиот македонски патен документ и не криел дека му е важно да биде меѓу првите што ќе го поседуваат.

„Еден ден ми се јави секретарката и ме праша дали сакам да го земам. Денеска се издава првиот пасош. Нормално дека сакам“, се сеќава тој.

ФОТО: 4TV Прв македонски пасош – Горан Михајловски

Пасошот веднаш станал и негов пропатен документ низ светот во кој новата држава допрва требало да го докаже своето постоење.

Првото патување со него било во Лондон, на конференција посветена на распадот на Југославија. Додека дел од новинарите сè уште патувале со југословенски пасоши, Михајловски веќе го носел македонскиот.

„Бев шизик со македонски пасош. Веќе сите се чудеа таму“, вели тој.

Но, новиот пасош не секогаш бил причина за гордост. Понекогаш бил и објаснување за дополнителни проверки.

На самит на ОБСЕ во Португалија, Михајловски бил издвоен од останатите.

„Ме тргнаа настрана како најголема бараба. Немаме поима кој сте вие, не е призната државата“, раскажува тој.

Особено необична била неговата американска виза. Бидејќи во тој период САД сè уште не ја признавале Македонија под уставното име, визата не била едноставно ставена во пасошот, туку била издадена на посебен лист и прикачена.

Пасошот не е единствениот предмет од првите години на државноста што Михајловски го сочувал. Во неговата архива се и првите македонски пари, првиот Устав и документ со потписот на Киро Глигоров.

Сите тие предмети денес имаат поинаква тежина отколку во моментот кога биле создадени.

„Тогаш не бев свесен колку е важен моментот. После тоа секој ден се соочувавме со градењето на државата“, вели Михајловски.

Три и пол децении подоцна, пасошот со број 101 останува личен документ, но и сведоштво за едно време во кое Македонија првпат почнувала да патува низ светот со сопствено име, сопствени документи и сопствена држава.

По повод големиот јубилеј – 35 години од македонската независност, 4TV подготвува специјално празнично издание. Гледајте го отвореното студио денеска, со почеток во 19:00 часот во живо.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни