Силната бура Клаудија предизвика хаос низ цела Европа. Во Јужен Велс е прогласена вонредна состојба поради силни поплави, додека една Британка почина во јужна Португалија откако бура погоди туристички камп, јавува агенцијата Анадолија.
Во јужна Португалија, во Албуфеира, бурата одзеде еден живот. Според локалните власти, 85-годишна Британка е пронајдена мртва откако екстремни ветрови го погодија кампот во кој престојуваше. Регионалниот командант на Алгарве потврди дека десетици луѓе се повредени и во бурата.
Бурата донесе силни ветрови и високи бранови по должината на брегот низ целата земја, предизвикувајќи бројни затворања на патишта и суспендирање на железнички линии, а неколку окрузи се ставени во состојба на тревога.
Вонредна состојба во Велс
Во исто време, и Обединетото Кралство беше тешко погодено. Силните ветрови и обилните дождови предизвикаа големи поплави во Монмут, Јужен Велс. Властите прогласија вонредна состојба рано во саботата, предупредувајќи го населението на значителен ризик по животот.
Според прогнозите на метеоролошките служби, обилните дождови ќе бидат проследени со ненадеен пад на температурите во наредните денови.