Состојбата со западнонилската треска во земјава покажува знаци на смирување, оценува министерот за здравство Сашо Клековски. Според него, во последните две недели се регистрирани по два нови случаи, а намален е и бројот на пациенти кои се лекуваат на Клиниката за инфективни болести.
Клековски посочува дека во моментов на Инфективната клиника се хоспитализирани шест пациенти, од кои двајца се во потешка состојба.
– Сметам дека епидемијата стивнува бидејќи последните две недели имаме по два нови случаи. Значи, оваа недела, по објавувањето на извештајот од Институтот за јавно здравје, в понедленик, ќе имаме два нови суспектни случаи. Дека се смирува ситуацијата, говори и фактот дека во моментот на Клиниката за инфективни болести имаме шест хоспитализирани лица – изјави Клековски.
Тој вели дека намалувањето на бројот на нови случаи не може да се поврзе директно со заладувањето на времето, бидејќи лицата кај кои е регистрирана инфекцијата биле изложени на вирусот во период од три до 14 дена пред појавата на симптомите.
Клековски додава дека постапувањето по индикации дало резултат, но предупредува дека кај западнонилската треска не може да се утврдат целосно предвидливи закономерности.
– Мислам дека постапувањето по индикации влијаеше и е постигнато тоа што го очекувавме. Сепак, точни закономерности не постојат во оваа епидемија. Имаме три пронајдени мртви гаврани со вирусот во општини во кои нема регистрирано случаи на западнонилска треска (два во општина Карпош и еден во Ресен) – посочи Клековски.
На Клиниката за инфективни болести, според директорот Фадил Цана, двајцата пациенти со потешка клиничка слика се хоспитализирани подолг период. Тие се интубирани и се на респираторна поддршка.
Останатите четворица пациенти се во стабилна состојба и се лекуваат на Одделот за невроинфекции. Двајца од нив се водат како суспектни бидејќи се понови случаи, додека кај другите двајца процесот на закрепнување е при крај и се очекува наскоро да бидат отпуштени од болница.
Според достапните последни информации, бројот на хоспитализирани пациенти со западнонилска треска е во опаѓање во однос на претходниот период.