Свет

Климатската криза ги менува и алкохолните пијалоци

Климатската криза ги менува и алкохолните пијалоци

Некои пива ќе станат погорчливи, цените на популарните видови виски и други пијалоци вртоглаво ќе пораснат – сето тоа благодарение на климатските промени, пишува електронското издание Mail Online.

За влијанието на климатските промени врз природата и здравјето на луѓето многу се зборува, но некои помалку познати ефекти веќе се случуваат и може да ги почувствуваат потрошувачите бидејќи и земјоделството се обидува да се прилагоди на променливите временски услови. Додека ефектот врз лозјата, дестилериите и пиварниците варира, индустријата како целина стравува дека сушата и недостигот на вода ќе влијаат на производството на алкохол.

Одгледувачите, особено во регионот на Калифорнија погоден од разорни и повторливи шумски пожари, стравуваат дека цели култури ќе бидат обележани со арома на чад. Вкусот на пепелта може да го деградира профилот на деликатниот вкус на многу вина и да ги направи цели берби бескорисни или непродажни.

„Дамот и пепелта што се пренесуваат од ветрот можат да влијаат на микробиологијата на виновата лоза на многу поголема далечина“, велат индустриските аналитичари во Sia Partners.

Лабораториите на винската индустрија беа преплавени со примероци од грозје за тестирање по шумските пожари во долината Напа во 2020 година, на пример, кога околу 8 отсто од винското грозје отиде во отпад.

Но, не е сè само пропаст и мрак за винариите – тим од Универзитетот во Оксфорд открил дека глобалното затоплување барем го подобрува квалитетот на виното од Бордо. Анализата на виното произведено во познатиот француски вински регион во изминатите 50 години покажа дека во последните години, со потопли лета и повлажни зими, винската жетва се подобрува. Се очекува овие состојби да станат почести поради климатските промени. „Гледаме тренд ширум светот дека како што се зголемува затоплувањето, вината стануваат посилни“, рече Ендрју Вуд, кој го предводеше истражувањето. Тој додаде дека луѓето генерално претпочитаат посилни вина кои се подолготрајни и имаат побогати, поинтензивни вкусови, повеќе сладост и помала киселост.

Друг тренд од последната деценија е дека „винските региони“ се движат кон север со порастот на температурите, принудувајќи да се преместат цели лозја.

Хмељот што се користи за правење пиво, шеќерната трска за рум и другите важни култури за производство на алкохол, исто така, ќе го почувствуваат влијанието на климатските промени.

Оваа година, истражувачите од чешкиот Универзитет за животни науки во Прага дојдоа до алармантен заклучок дека хмељот најверојатно ќе стане помалку горчлив поради влијанието на зголемувањето на температурите врз родот. Научниците собраа податоци за насадите со хмељ за периодот 1971-2018 година од 90 отсто од водечките европски региони за одгледување хмељ во Германија, Чешка и Словенија. Хмељот, кој на пивото му дава единствен вкус, содржи алфа киселини, кои се одговорни за горчината и квалитетот на пивото.

Во студијата објавена во списанието „Nature“ се наведува дека во споредба со периодот пред 1994 година, денешниот хмељ почнува да созрева дваесет дена порано, а тоа ја намалува содржината на алфа киселините. Исто така, беше откриено дека приносот на хмељ е намален за речиси 0,22 тони по хектар годишно, а горчината се намали за околу 0,6 отсто. Користејќи климатски модели, научниците предвидуваат дека приносот на хмељ ќе се намали до 18 отсто до 2050 година, а содржината на алфа киселина ќе се намали до 31 отсто до тогаш.

Карипската шеќерна трска, која се користи во повеќето класични руми, може да се проголта со подигање на нивото на морето и да се задуши од плевелите отпорни на топлина. Минатиот месец, студијата на специјалисти предводена од француски хемиски инженер од Универзитетот во Тулуз објави дека плевелите како Rottboellia cochinchinensis, Ipomea plebeia и Digitaria sanguinalis се очекува да растат поради зголемените температури. Испарувањето на свежата вода, исто така, негативно ќе влијае на производството на шеќерна трска, што ќе биде попречено од намалувањето на големината на плантажите и зголемувањето на нивото на морето.

Климатските промени предизвикуваат хаос во снабдувањето со жито на големите производители на виски, изјави неодамна известувачот Брајан Фридман за PBS. Тој е автор на книгата „Crushed: How a Changing Climate Is Altering the Way We Drink“ и откри дека екстремните манифестации на климатската неизвесност како што се поплавите, сушите, почетокот на инвазивните видови штетници создаваат големи проблеми и за земјоделците и за производителите на алкохол кои зависат од нивното производство.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни