Клиничкиот центар во Скопје добива две монтажни катни гаражи со околу 500 паркинг места

Клиничкиот центар во Скопје ќе добие две монтажни катни гаражи, со што ќе се реши долгогодишниот проблем со паркирањето во и околу здравствената установа. Ова денеска го најави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, по координацискиот состанок со министерот за здравство, Азир Алиу, како и со стручните тимови од ЈП „Градски паркинг“ и Град Скопје.

Со изградбата на гаражите, која ќе се реализира во рамки на проект на градот Скопје, ќе се обезбедат околу 500 нови паркинг места. Градоначалникот истакна дека проектот е трајно и функционално решение кое ќе го олесни секојдневието на здравствените работници и ќе им овозможи непречен пристап на пациентите од целата држава.

„Изградбата на монтажните гаражи ќе овозможи подобра организација на сообраќајот, слободен пристап за итната медицинска помош и поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот, при што ќе се почитува јавниот простор и современите урбанистички стандарди“, порача Ѓорѓиевски.

Проектот е реализиран во координација со премиерот Христијан Мицкоски и со целосна поддршка од државата, што според градоначалникот претставува јасен сигнал за заедничка посветеност кон решавање на реалните проблеми на граѓаните и унапредување на здравствениот систем.

„Со заедничка работа, координација и јасна визија, чекор по чекор градиме функционални и одржливи решенија во интерес на граѓаните. Ова е само дел од она што следува. Скопје ја живее новата ера“, заклучи градоначалникот.