Клиниката за неврологија има нов директор, д-р Јован Божиновски на местото на разрешениот Игор Кузмановски

Министерот за здравство Азир Алиу денеска соопшти дека д-р Јован Божиновски е именуван за нов вршител на должност директор на Универзитетската клиника за неврологија, по разрешувањето на д-р Игор Кузмановски.

Разрешувањето, како што рече Алиу, следело по објавување на компромитирачко видео на социјалните мрежи, со што бил нарушен угледот на институцијата.

Министерството формирало комисија и побарало инспекциски надзор од Лекарската комора и ДСЗИ. Алиу додаде дека се разгледува можност за нов систем во кој автоматски ќе се блокира акаунтот на лекарите со истечена лиценца.

Новиот в.д. директор Божиновски изјави дека Клиниката ќе функционира непречено и дека ќе се формираат две интерни комисии – една за стручен, а друга за административен надзор на работата во изминатиот период.

„Ќе обезбедиме квалитетна и транспарентна работа, а јавноста ќе биде информирана за сите наоди,“ изјави Божиновски.