Обвинителниот акт за трагедијата во „Клуб Пулс“, во кој животот го загубија 63 лица, открива дека објектот со години работел целосно нелегално. Просторот, чија единствена урбанистичка намена била „лесна индустрија“ и „сервиси“, бил незаконски претворен во дискотека, при што биле игнорирани сите безбедносни стандарди и вградувани лесно запаливи материјали.
Шокантните детали се содржани во обвинението до кое дојде 4NEWS.mk, кое ги товари сопственикот на објектот, Гроздан Милковски, и корисникот, Дејан Јованов, за нелегалната трансформација што доведе до катастрофа.
Според обвинителството, тие свесно ги прекршиле прописите, никогаш не поднесувајќи барање до Општина Кочани за неопходното одобрение за реконструкција со пренамена, со што директно го прекршиле Законот за градење.
Од магацин во „смртоносна стапица“ со запалив сунѓер
Обвинителството детално опишува како Дејан Јованов, во текот на 2012 и 2024 година, извршил целосна реконструкција на индустрискиот објект. Клучниот наод е дека притоа „неконтролирано без стручен надзор вградувал несоодветни материјали“.
Во документот експлицитно се наведува употребата на материјали кои директно придонеле за брзината на ширењето на пожарот:
- Синтетички материјали
- Полимерни материјали
- Полиуретански сунѓер
За сите овие материјали, обвинителот констатира дека носат „ризик од лесно започнување и брзо ширење на пожар“ – сценарио кое кобната ноќ се оствари во целост.
Игнорирани сите безбедносни прописи: Објектот немал ниту еден услов
Со пренамената на индустрискиот објект во место за масовни собири, обвинетите создале простор кој не исполнувал ниту еден елементарен услов за безбедност. Обвинението открива застрашувачка листа на недостатоци:
- Безбедност од пожар: Објектот немал Елаборат за заштита од пожари и експлозии.
- Опрема за гаснење: Немало соодветни уреди, противпожарни апарати, ниту средства за гаснење.
- Аларми и детекција: Не постоел систем за автоматско откривање на пожар, детектори за чад и температура, ниту пожарни аларми.
- Хидрантска мрежа: Клубот немал употреблiva внатрешна и надворешна хидрантска мрежа.
- Излези за евакуација: Објектот имал само еден главен излез. Според прописите, морал да има „минимум по еден помошен излез за капацитет од 100 посетители“.
- Небезбедни врати: Постоечките врати не се отворале во правец на излезот и не ги исполнувале пропишаните димензии за безбедна евакуација.
Сопственикот знаел и помагал
Обвинението го товари сопственикот на објектот, Гроздан Милковски, дека со умисла му помогнал на Јованов. Тој му го издал просторот под закуп иако знаел дека истиот нема таква намена според урбанистичкиот план. Обвинителството тврди дека Милковски дури и самиот учествувал во градежните зафати за нелегалната пренамена.
Со овие дејствија, се заклучува во обвинителниот акт, тие свесно го претвориле индустрискиот објект во смртоносна стапица, свесни дека може да настане штетна последица.