Преспанскиот договор веќе влезе во процедура во Собранието на Грција. Комисијата за национална одбрана и надворешни работи, започна со разгледување на предлог-законот. Според сегашниот биланс, како што пишува грчкиот весник „Катимерини“, 28 пратеници од комисијата, го поддржуваат договорот, а 27 се против.
Во среда, во 10 часот наутро, според локалното време, се очекува да започне расправата во грчкото Собрание. Се предвидува да продолжи и во четврток, а времетраењето зависи од бројот на пратениците кои ќе се пријават за дебата. Доколку има голем број на пријавени , дебатата може да трае до 2 или 3 часот по полноќ.
Додека сите чекаат што ќе се случи во грчкиот Парламент, од Њујорк со реакција се јави посредникот на Обединетите Нации, Метју Нимиц, кој очекува Грција да го ратификува Договорот меѓу Скопје и Атина.
„По известувањето на Поранешната Југословенската Република, дека ја завршиле процедурата за усвојување на уставните амандмани и правните процедури за стапување на сила на Преспанскиот договор, според нејзините определби, ратификацијата продолжува во Република Грција. Со нетрпение чекам да заврши овој процес како што е цитирано во Договорот“ – Метју Нимиц, посредник.
Како во Македонија, така и Владата во Грција се соочува со опозицијата која е против Преспанскиот договор. Киријакос Мицотакис, од опозицијата, изјави дека мнозинството е вештачко, а бројките се празни пред милиони Грци кои не се согласуваат со Договорот. Меѓутоа во последно време, се зборува дека премиерот, Алексис Ципрас, веќе ги обезбедил потребните 151 гласа за Договорот. Освен 145-те пратеници на „Сириза“ на Ципрас, се очекува „ЗА“ да гласаат и тројца пратеници на „Река“, двајца од партијата „Независни Грци“ и двајца независни пратеници. Против Преспанскиот договор, вчера пред Собранието во Атина имаше насилни протести, на кој според грчката полиција учествувале околу 60 илјади лица. Околу 40 лица беа повредени, од кои 25 полицајци, еден фоторепортер и еден камерман, а 12 лица се приведени.
РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ