Зад унгарскиот заем се крие политички интерес, тврди опозицијата. Според СДСМ, законот со кој се овозможува задолжувањето од Будимпешта, се усвојува во скратена постапка зашто власта не сакала јавна дебата, со цел да ги скрие политичките интереси.
Социјалдемократите, повикувајќи се на новинарски истражувања, велат дека потеклото на унгарските пари е во Кина и го повикаа премиерот Христијан Мицкоски да даде одговори.
„Зошто крие кое е потеклото на парите? Зошто крие дека Унгарија всушност се задолжува со понеповилни услови кај Кина за парите кои нас ни ги дава? Ова, според нас, е јасен сигнал дека тука има политички интерес. Покрај ова, законот изобилува со нелогичности, недоречености и многу непознаници. Како на пример, не се предвидени јасни критериуми, што е многу важно, не се предвидени ниту механизми за распределба на позајмените пари.“, вели Богданка Кузеска од СДСМ.
Одговор пристигна од ВМРО-ДПМНЕ. Од владејачката партија ги оценија тезите на СДСМ како небулозни и информираат дека Венко Филипче продолжува да биде против капиталните проекти за кои се обезбедени, како што потенцираат, унгарските пари. Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Филипче оди и против општините на чие чело се градоначалници од СДСМ, кои аплицирале на повикот за проекти што ќе се реализираат со заемот од Унгарија. За нив вчерашната седница на ресорната комисија за кредитот зборуваше и пратеникот Бојан Стојаноски.
„Овој заем бил коруптивен, но меѓу првите поднеле Општина Делчево, Општина Пробиштип, Општина Струмица, Општина Валандово и Општина Крива Паланка. Тие поднеле апликации. Општина Крушево… тие поднеле апликации, ама „заемов бил коруптивен“, рече Стојаноски.
Пратениците на СДСМ не присуствуваа во салата, па така законот експресно доби зелено светло – без никаква расправа, ниту амандмани. Се очекува на пленарна седница да се најде во вторник, а откако ќе биде објавен во Службен весник, министерката за финансии Гордана Кочоска Димитриеска ќе биде овластена да го потпише овој договор за заем меѓу две држави.

