Кој ја издал дозволата и кој е должен да ја контролира работата на Зимзоленд? Институциите си ја префрлаат одговорноста!

Освен рингишпилот во Луна-паркот, во круг се вртат и институциите околу тоа кој издал дозвола и кој е должен да ја контролира работата на Зимзоленд. По бројните реакции од жителите во околината, Телма се обрати до организаторот на зимскиот забавен парк, кој тврди дека располага со договор за закуп и дозвола за работа од општина Аеродром.

Општината, пак, ја отфрла одговорноста. Градоначалникот Дејан Митески изјави дека локацијата е на приватен имот и дека општината можела само да укаже да не биде запуштен просторот. За поставувањето на реквизитите, Митески упати дека надлежност има Град Скопје. Од Градот за Телма возвратија дека дозвола не е издадена од нивна страна, бидејќи тоа било обврска на општината Аеродром.

Додека институциите меѓусебно ја префрлаат одговорноста, во Зимзоленд атмосферата останува раздвижена. Музика, светилка и детска смеа го исполнуваат просторот во Лисиче. Децата уживаат и велат дека сакаат повторно да се вратат.

„Во Зимзоленд ми беше многу убаво. Бев и минатата година и прекрасно си поминав. Сакав да ги пробам сите реквизити, но не стигнав. Се надевам дека следниот пат ќе играм повеќе. Би им препорачала на другарчињата да дојдат“, велат најмладите посетители.

Но додека најмалите се забавуваат, родителите се соочуваат со сериозен проблем – паркингот. Во околината на забавниот парк секоја вечер владее вистински сообраќаен метеж. Автомобили се паркираат на тротоари, по коловозни ленти, па дури и на тревникот кај детското игралиште. Станарите реагираат дека паркинзите им се блокирани и дека навечер тешко стигнуваат до своите домови.

До МВР беа упатени прашања дали има казнети возачи и какви мерки ќе се преземат за решавање на хаосот, но одговор засега нема.

Зимскиот парк ќе остане отворен до почетокот на јануари.