Колегите од неврологија застанаа во одбрана на докторот снимен со кокаин: Поддршка и сочувство

Колективот на Клиниката за неврологија денеска упати јавно писмо со поддршка за нивниот колега, проф. д-р Игор Кузмановски, како одговор на неодамна објавениот „компромитирачки материјал“ со кој, како што велат, се дискредитира неговата личност. Во писмото, тие апелираат на воздржаност во јавниот дискурс и на почит кон човековото достоинство.

„Ние, неговите колеги, ја изразуваме нашата професионална и човечка поддршка за Проф. д-р Кузмановски. Во секојдневната работа со пациентите и во комуникацијата со колегите, секогаш се однесувал со највисока стручност, одговорност и етичка посветеност. Ниту во еден момент не е забележано однесување кое би било недолично, несовесно или спротивно на професионалните стандарди“, се вели во писмото.

Колегите потсетуваат и на неговите заслуги додека бил директор на клиниката во периодот од 2012 до 2017 година, кога, како што наведуваат, објектот бил комплетно реновиран и биле воведени повеќе нови дијагностички и тераписки процедури.

Во духот на медицинската етика, тие повикуваат на сочувство наместо на осуда, нагласувајќи дека секој поединец во моменти на јавна изложеност и лична ранливост заслужува поддршка, разбирање и психосоцијална помош.
„Наместо осуда, неопходно е да се поттикне сочувство – не само кон професионалецот, туку и кон неговото семејство, кое невино се соочува со последиците од јавната реакција“, апелираат од Клиниката за неврологија.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.