Ние, во Француското интернационално училиште во Скопје, применуваме
« образование преку правење на проекти». За учениците тоа претставува начин на учење кој ги мотивира.
Ова е активна образовна пракса што произведува учење преку правење на конкретни изработки.
Образовниот проект може да биде личен (претставување на нешто…, изработка на макета…) или групен (организација на забава, реализација на некој предизвик, …).
Образовниот проект има крајна цел, но чекорите за постигнување на таа цел се од суштинско значење и овозможуваат совладување на француската национална програма за образование.
На пример, за време на активностите во градинката, воспитувачката работеше на тема снегот (сега е зима ). Проектот се состоеше во заедничка изработка на децата и воспитувачката на макета на зимата. Воспитувачката ја воведе темата преку сликовница за пингвин од Јужниот пол. На истата тема беа и песните учени за време на јазичните активности. Секое дете можеше да изработи пингвин со боење, цртање ….. Заедно, направија леден брег од морска пена, лажен снег. Овој заеднички проект им овозможи на децата да бидат многу мотивирани. Во исто време тие работеа и на збогатување на јазикот ( за снегот, за зимата,…), на уметноста (сликарство, цртежи, изработки…), на развојот на математиката (ги броеја направените пингвини). Најпосле, учеа преку кратки певливи стихотворби што пак им помага да се развие памтењето.
Обработката на оваа тема ќе заврши со посета на Зоолошката градина во Скопје која штотуку се здоби со три пингвини и исто така со изработка на макета која ќе им биде прикажана на семејствата и секако објавена на социјалните медиуми.
Овој начин на работа извонредно ги поттикна децата во градинката. Тоа е едноставен и мотивирачки начин за работа и може да се примени и кај учениците од основното училиште.
Така, со учениците од Петто одделение, моето одделение, се пријавивме да учествуваме во проектот наречен „Детски парламент“. Станува збор за создавање закон чија тема оваа година е «храната и одржливиот развој».
Подготвувајќи го овој закон, учениците беа во можност да работат на подобрување на францускиот јазик: треба да се напише законот и да се објасни усно пред другите. Работевме на запознавање со француските закони и историјата на создавање на Граѓанскиот Законик на Наполеон. Во нашиот проект, нашето делување е поврзано со соодносот /количините на отпадoт: затоа работевме на пропорционалноста во математиката. Секако, работиме и нa граѓанското образование што е дел од француската национална програми за образование. Зборувајќи на темата за одржливиот развој, ние исто така зборувавме за загадувањето и животната средина, што е дел од наставните програми за наука во петто одделение.
Оваа идеја за изработка на проект во петто одделение им овозможи на учениците целосно да се вклучат во реализацијата на идејата и на самиот проект. Со цел да се направи овој закон, учениците го разбраа и му дадоа значење на она што го учат по другите предмети (историја, француски јазик, математика, наука, итн.)
На сите степени од образованието градинка или основно училиште, образованието преку проекти им овозможува на учениците да се мотивираат за работата, но и да му дадат значење на она што го учат. Овој начин на работа во Француското интернационално училиште во Скопје (ЕФИС) е од суштинско значење за учењето и за целта да се постигне извонредност кај нашите ученици.
Пјер ЖИМЕНЕЗ
Директор на ЕФИС
Ставовите изразени во оваа колумна се лични ставови на авторот на оваа колумна и не ги одразуваат ставовите на членовите на редакцијата на 4NEWS.mk