Конечно ќе се вози низ тунелот кај „Лимак“: Град Скопје распиша тендер за пристапните улици

Град Скопје го распиша тендерот за изградба на првата фаза на булеварот Македонија, клучен чекор за конечно пуштање во употреба на подземната сообраќајница под станбено-трговскиот комплекс „Лимак“ во центарот на градот.

Според тендерската документација објавена на Бирото за јавни набавки, ќе се градат пристапите за влез и излез од тунелот, поточно потегот од крстосницата кај „Тутунски комбинат“ до влезот на подземната улица. Рокот за доставување понуди е до 15 декември.

Новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски најави брза реализација по завршувањето на тендерската постапка.

„По завршувањето на правната постапка, веднаш започнуваме со работа. Потоа ќе следат следните фази за изградба на кружен тек кај ‘Нова Македонија’ и двата кружни тека на потегот кај булевар Кочо Рацин и улица Железничка, кои ќе овозможат побезбеден и побрз проток, со паметни и современи решенија согласно европските стандарди“, вели градоначалникот Ѓорѓиевски.

Сага долга 13 години

Овој проект има долга историја на застој. Договорот за Јужен булевар (сега булевар Македонија) со турскиот инвеститор „Лимак“ беше потпишан на 12 март 2012 година од тогашниот градоначалник Коце Трајановски. Првичниот план беше инвеститорот прво да ја изгради улицата, а потоа објектите над неа. Сепак, повеќе од шест години на терен ништо не се работеше.

Со доаѓањето на Петре Шилегов во 2017 година, од „Лимак“ изјавија дека ги надминале проблемите со дозволите, по што градежните работи на тунелот започнаа во септември 2018 година. Шилегов во кампањата за изборите во 2021 година ги промовираше и проектите за придружните кружни текови.

Меѓутоа, по доаѓањето на Данела Арсовска на функција во 2021 година, проектот од страна на Град Скопје беше целосно запрен. Од „Лимак“ пред две години за СAКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека градежните работи на самата подземна улица се при крај, но дека нема никакви активности во делот што треба да го изведе Град Скопје, односно пристапните сообраќајници.

Според проектот, подземната улица ќе биде долга 746 метри и широка 37 метри. Таа ќе има по две сообраќајни и помошни ленти во двата правци, а во средината е оставен простор за две трамвајски линии.