Контролорите на летање во М-НАВ можат да штрајкуваат: Апелација ја поништи одлуката за забрана!

Апелациониот суд Скопје ја поништи одлуката на Граѓанскиот суд со која беше забранет штрајкот на контролорите на летање во М-НАВ.

Забраната била донесена зад затворени врати, без расправа и без да се слушнат аргументите на синдикатот.

Со оваа одлука, Синдикатот на контролорите на летање може веднаш да го реализира најавениот штрајк.

Според образложението на Апелациониот суд, првостепената судијка ја повредила законската постапка, бидејќи донела времена мерка „забрана за штрајк“ иако во самата тужба не било побарано изрекување таква мерка.

Совет од тројца апелациони судии утврдил дека е нарушен член 2 од Законот за парнична постапка, поради што предметот се враќа на повторно судење.

„Првостепениот суд во своето нејасно решение не дал образложени причини поради кои ја третирал тужбата како предлог за привремена мерка“, наведува Апелациониот суд, додавајќи дека судијката направила сопствена правна интерпретација за нешто што не било предмет на тужбеното барање.

Штрајкот беше закажан за 20 октомври 2025 година, со барања кои се актуелни со години — модернизација на опремата, подобри услови за работа и стопирање на партиските вработувања. Синдикатот очекува на повторната расправа да ги изнесе своите докази и ставови.