Концертот на Роби Вилијамс во Истанбул откажан поради безбедносни причини

Властите во Истанбул го откажаа концертот на британскиот пејач Роби Вилијамс закажан за 7 октомври, објави веб-страницата Music-news.

Неколку турски организации ги повикаа властите да го откажат концертот, бидејќи Вилијамс претходно ја изрази својата поддршка за Израел.

Поранешниот член на бендот „Тејк дет“ сподели на Инстаграм дека немал друг избор освен да го откаже својот концерт.

„Многу ми е жал што нема да можам да настапам во Истанбул следната недела. Градските власти го откажаа концертот во интерес на јавната безбедност. Последното нешто што би сакал да го направам е да ја загрозам безбедноста на моите обожаватели – нивната безбедност е на прво место. Завршувањето на оваа епска серија концерти пред моите турски обожаватели беше остварување на сон, со оглед на блиските врски што моето семејство ги има со оваа прекрасна земја “, напиша тој.

Сопругата на Вилијамс, Ајда Филд, е од турско потекло.

„Бевме многу возбудени за овој концерт, но одлуката да го откажеме беше надвор од наша контрола “, заклучи Вилијамс.

Концертот, кој требаше да се одржи на сцена на отворено во населбата Атаќој во западен Истанбул, ќе биде негов прв во градот.

Вилијамс настапуваше во Бодрум. Во интервју за турските медиуми, тој истакна дека требало одамна да го посети Истанбул.