Косово од денеска со своја војска, изгласани законите за трансформација на безбедносните сили

„Во салата се новите кадети на Безбедносните сили на Косово, кои од овој момент се војници на Косово. Ѝ честитаме на војската. Со среќа војници“.

Трите нацрт – закони кои Безбедносните сили на Косово ги трансформираа во војска, се Закон за Министерството за одбрана, Закон за Безбедносните сили и Закон за служба во БСК.

За законот за Министерството за одбрана гласаа 106 пратеници, без ниту еден воздржан. Законот има 11 амандмани кои беа гласани посебно.

За законот за Безбедносните сили на Косово рака кренаа 107 пратеници, додека поддршка добија 45 амандмани. Законот за служба во БСК, помина со 107 гласови „за“, исто така со 45 амандмани.

„Во текот на работата на работните групи, одвоени се 45 амандмани за кои е дадено мислење од привремената Комисија на Собранието на Косово. Сите амандмани се во согласност со Уставот и законските инстанци, па затоа ги повикувам сите пратеници во Собранието да гласаат за усвојување на овој нацрт – закон со предложените амандмани“, рече Ниџи Шала – Претседател на собраниската комисија за надзор на БСК.

Пред да почне гласањето на законите, претседателот на косовското Собрание, Кадри Весели им се обрати на присутните пратеници, повикувајќи ги да им одадат почит на сите оние кои го дале животот за слободата на Косово.

„Барам сите заедно, да им одадеме едноминутен почит на сите оние кои во разни времиња и околности се жртвувале за овој ден.  Да им одадеме почит на борците од големите востанија на Косово од разни периоди. Да им одадеме почит на генерациите на политички затвореници. Ние денеска сме тука, благодарение на таа натчовечка жртва. Горди на минатото и сигурни за нашата евро – атлантска иднина“, рече Кадри Весели – Претседател на Собранието на Косово.

На денешната седница не присуствуваа пратениците од Српска листа, кои постојано беа против формирањето на косовската војска. НАТО и ЕУ не го поддржаа формирањето на косовската војска, САД и Германија го поздравија гласањето. На северот на Косовска Митровица стационирани се припадници на КФОР.

РЕПОРТЕР: ДОНИКА ОСМАНИ

Извор: ТВ21