Костадиновски: Уставната жалба е заедничка точка на институционален дијалог

Во Уставниот суд денеска се одржа тркалезна маса на тема „Воведување на уставна жалба?“, на која учествуваа претставници на институциите, меѓународната заедница и правната фела. На настанот се обратија претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, премиерот Христијан Мицкоски, како и амбасадорите на Европската Унија и ОБСЕ.

Во своето обраќање, Костадиновски ја нагласи важноста од континуирано унапредување на владеењето на правото и заштитата на човековите права, посочувајќи дека воведувањето на уставната жалба е тема која сè почесто се наметнува во јавната и стручната дебата.

– „Целта е едноставна – да му се овозможи на граѓанинот, кога ќе ги исцрпи сите други правни средства, директно да се обрати до Уставниот суд за заштита на своите права“, истакна Костадиновски.

Тој додаде дека не постои дилема за потребата од ваков инструмент, туку дека клучното прашање е кои уставно загарантирани права треба да добијат директна уставно-судска заштита.

Претседателот на Уставниот суд посочи и на потребата од зајакнување на независноста и самостојноста на институцијата, оценувајќи дека во минатото Судот не секогаш ја остварувал својата уставна улога.

– „Уставното судство мора да се ослободи од секое политичко влијание и да функционира како натпартиска и независна институција“, нагласи Костадиновски.

Тој информираше дека со премиерот Мицкоски разговарале за подлабоки институционални реформи, меѓу кои и донесување Закон за Уставниот суд со двотретинско мнозинство, како и воведување на уставната жалба.

Во обраќањето беше истакнато и дека продолжувањето на сегашната состојба може да отвори простор за прекумерен судски активизам и нарушување на балансот меѓу властите.

Костадиновски се повика и на меѓународните стандарди, нагласувајќи дека независноста на уставните судови е предуслов за ефективна заштита на човековите права и за владеење на правото.

Тој изрази надеж дека денешната дебата ќе придонесе за конкретни чекори кон реформи и унапредување на уставното судство во земјата.