Јавното обвинителство на Република Северна Македонија остро реагираше на јавните настапи на дел од адвокатите кои го коментирале обвинението за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, оценувајќи дека со своите изјави го нарушуваат угледот на судот и институциите.
Во писмо испратено до Адвокатската комора на Република Северна Македонија, јавниот обвинител Љупчо Коцевски посочува дека дел од адвокатите јавно изнесуваат неосновани проценки за текот и траењето на судската постапка, без да бидат запознаени со доказите и обвинението. Таквото однесување, како што се наведува, е спротивно на Кодексот за професионална етика на адвокатите, според кој тие се должни да го чуваат угледот на судовите и правосудните органи.
„Изнесувањето на неосновани проценки за долгото траење на судската постапка наштетува на угледот на Судот и претставува обид истиот да се прикаже како спор и неефикасен, иако судењето воопшто не е започнато“, се вели во реакцијата.
Обвинителството наведува дека дел од адвокатите се претставуваат како независни експерти, а притоа не откриваат дека се бранители на обвинетите, со што, според институцијата, ја доведуваат јавноста во заблуда.
Како пример за неетички јавен настап, во писмото е посочено учеството на адвокатката Сузана Јошевска Атанасовска во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24, каде што, според Обвинителството, изнесла невистини дека не ѝ бил доставен целосниот доказен материјал. „Наведените пораки се дел од доказен материјал што е интегрално доставен во Судот и до сите бранители“, стои во дописот.
Јавниот обвинител потенцира дека доказниот материјал во предметот „Кочани“ е обемен и резултат на макотрпна работа на обвинителите, при што нагласува дека местото за соочување на доказите е судницата, а не медиумите.
„Пред нас е тежок, но исклучително важен процес со кој треба да испорачаме правда за жртвите во кочанската трагедија. Адвокатите имаат професионална одговорност да придонесат за ефикасно и правично судење“, наведува Коцевски, барајќи од Адвокатската комора да апелира за почитување на етичките стандарди.
Обвинителството истакнува дека тимот кој го застапува обвинението за пожарот во „Пулс“ ја има целосната поддршка од институцијата и дека нема да дозволи ниту едно рочиште да се одложи по вина на јавен обвинител.
„Поднесениот обвинителен акт е потврден од Судот и е стапен на правна сила. Наскоро ќе следуваат одлуки и во други постапки поврзани со овој тежок настан“, завршува реакцијата на Јавното обвинителство.
Читај и ова:
- 1.Зголемен интерес за градење: Во август издадени 280 одобренија за станови и објекти
- 2.Клучен ден за Стопанска банка Битола – Алта Банка на прагот на македонскиот пазар
- 3.Деца го формираа знамето во Прилеп – започна чествувањето за 11 Октомври
- 4.Хит на TikTok: Бизарен тренд на генерацијата Z со кој ги тестираат партнерите
- 5.Гласот на граѓаните донесе промени: „Стоп за Вардариште“ доби поддршка од институциите, започнаа првите активности за санација на депонијата!