Коцевски: Европската Комисија утврди исто што и ние — нема доволно обвинители и средства за борба против криминалот

Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека наодите од Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата целосно се совпаѓаат со реалната состојба во обвинителството – недостиг на човечки и материјални ресурси.

„Тоа се фактите. Недостасуваат човечки и материјални ресурси. Она што го констатирала Европската комисија е и наше видување“, рече Коцевски, коментирајќи го извештајот.

Тој потенцира дека за ефикасна борба против криминалот најпрво треба да се создадат соодветни услови. „Во конкретниот случај, во Јавното обвинителство работиме со јавнообвинителска служба од само една третина. Во моментот имаме околу 360 вработени, а потребни се најмалку 1.126“, истакна тој.

Според него, и во 2024 и во 2025 година Министерството за финансии не дозволило ниту едно ново вработување, иако потребите се огромни.

На прашање за најавите од власта дека по завршувањето на локалните избори ќе следат мерки во правосудниот систем, Коцевски оцени дека станува збор за политички изјави, без конкретна поддршка на институциите.

Тој посочи и дека платите на обвинителите се најниски во регионот, иако се утврдени согласно закон.

Коцевски потсети дека согласно Законот за јавното обвинителство, буџетот за оваа институција треба да изнесува 0,4% од БДП, но и годинава, како и претходната, предвидени се само 0,2%.

„Иако со новиот Закон за јавно обвинителство се настојува процентот да се зголеми на 0,5%, во реалноста средствата остануваат исти – и оваа и следната година“, нагласи тој пред почетокот на денешната седница на Советот на јавни обвинители.