Јавниот обвинител Љупчо Коцевски им одговори на пратениците кои поднесоа интерпелација против него, оценувајќи го нивниот потег како правно неоснован, а политички мотивиран.
Во писмен документ доставен до Претседателот на Собранието, Африм Гаши, Коцевски ја отфрла интерпелацијата како „упад во самостојноста на обвинителството“ и тврди дека интерпелација како инструмент не е дозволена според Законот за јавното обвинителство.
„Функцијата ја вршам чесно и одговорно, со почитување на транспарентност и отчетност. Ќе одговорам детално на сите наводи, иако ваквиот пристап претставува директно мешање во независноста на третата власт“, вели Коцевски во своето обраќање.
Интерпелацијата е поднесена од шест пратеници од Левица – Димитар Апасиев, Борислав Крмов, Реџеп Исмаил, Јована Мојсоска, Амар Мециновиќ и Сашко Јанчев. Тие го обвинија Коцевски за селективно постапување, политички договори и нефункционалност во дел од обвинителствата.
Обвинителот детално одговори на четирите точки од интерпелацијата:
Случајот со трагедијата во Кочани, каде што рече дека постапките се водат врз основа на докази, не по партиска припадност.
Обвинувањата за политичко влијание, кои ги нарече „невистинити и неосновани“.
Состојбата во Вишото јавно обвинителство Скопје, за што наведе дека е иницирал дисциплински постапки за утврдени пропусти.
Непостапување за дивоградбите, што, како што рече, не е точно – предметите се оформени и по нив се постапува.
Коцевски потсети и на Извештајот на Европската комисија, во кој, според него, е нотирана подобрена ефикасност на јавните обвинителства и зајакната борба против корупцијата.
„Барам оваа интерпелација да биде отфрлена, затоа што нема правна основа и претставува напад врз самостојноста на јавниот обвинител“, завршува Коцевски во својот одговор.