Ковачевски: Со измените на Кривичниот закон, никој не се амнестира

Премиерот Димитар Ковачевски уверува дека зад измените на Кривичниот законик нема меѓупартиски пазар за обезбедување двотретинско мнозинство за уставните измени. Но, Ковачевски посочи и дека сите пратенички групи биле присутни во салата кога се гласала промената на Кривичниот законик.

„Ако било некаков пазар, каков што не било, тогаш веројатно на друг начин ќе се одвивала целата постапка. Гледате дека има јавни настапи од страна на опозицијата, од страна на власта, па ако ја погледнете и коалицијата на власта има мислења коишто не се сосема исти, со оглед на различното гледање од идеолошка или било која друга провиниенција на членовите на коалицијата, меѓутоа сите се согласни во едно, дека државата мора да го усогласи законодавството со ЕУ“, изјави Димитар Ковачевски – претседател на Влада.

Тој тврди дека измените на Кривичниот законик ќе резултираат со поефикасни и поефективни судски постапки. Иако со измените се намали казната за делото „злоупотреба на службена положба“, според премиерот сега би се зголемила фреквенцијата на казните. Тој додаде дека измените ќе овозможат и ефикасна конфискација на имот. Ковачевски негира дека ќе се овозможи нечија амнестија.

„Граѓаните секогаш се прашуваат каде е конфискацијата? Овие измени се токму за тоа – побрза казнивост, идентификување на конкретни дела и конфискација на нелегално, незаконски стекнат имот. Никаде во Законот, ако го погледнете, нема никаква амнестија за никого. Ако имало амнестија, денеска веројатно некој ќе беше веќе амнестиран, бидејќи законот е веќе потпишан од претседателот на државата“, нагласи Димитар Ковачевски – претседател на Влада.

Измените на Кривичниот законик завчера беа експресно усвоени во Собранието со 48 гласови „за“. Нив ги предложи Владата, користејќи го европското знаменце, односно беа внесени по скратена постапка. Брзо реагираше и претседателот Стево Пендаровски кој веќе го потпиша указот за новите измени. Од неговиот Кабинет акцентот го ставија на конфискацијата на имот и посочија дека со нив не е предвидена амнестија за кривичните дела сторени при вршење на службата. Инаку, со измените се предвидува и намалување на казните за злоупотреба на функцијата и за злосторничко криминално здружување.

Лука Андреев | Алсат

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното