Македонија

Кристијан Трајковски: ЦО на НСДП донел разочарувачка и недемократска одлука – најави повторна кандидатура

Кристијан Трајковски: ЦО на НСДП донел разочарувачка и недемократска одлука – најави повторна кандидатура

Еден од кандидатите за претседатели на НСДП, Кристијан Трајковски денеска излезе со реакција во јавноста откако вчерашниот ЦО на НСДП одлучи да не ја прифати неговата кандидатура.

Според него, Централниот одбор на НСДП донел разочарувачка и недемократска одлука да се отфрли неговата уредно поднесена кандидатура и програма.

„Одлуката да се има само еден кандидат, при повеќе поднесени кандидатури, е ништо повеќе од кукавички чин за бегање од демократските вредности на кои нашата партија е изградена. Дополнително, одлуката е спротивна на Правилникот за организација на Петтиот конгрес на НСДП и ги спречува речиси петстотините делегати да не можат слободно, фер и демократски да го изберат следниот претседател на НСДП. Единствениот кандидат и неговото тесно мнозинство во Централниот одбор, одбија да дозволат демократски натпревар на идеи и политики, бидејќи се плашат од гласот на членството и отворената демократијата“, вели Трајковски.

Тој додава дека не се откажува од неговата заложба и уверување дека демократијата и демократските вредности се пред сè и над сè.

„Не се откажувам од мојата прогресивна визија дека нашата НСДП ќе биде обединета и гласна партија, каде слободата и слободната мисла ќе победат. Само така притисоците, заканите и носењето одлуки од една многу мала, но многу привилегирана група луѓе ќе бидат сеќавање од минатото. Луѓе кои се однесуваат како функциите да се нивно родено право, а не голема обврска и одговорност делегирана од целото членство пред кое тие се должни да поднесат отчет. На претстојниот конгрес на 4 јуни, ќе го искористам моето право да се кандидирам на самиот Конгрес и таму ќе ја побарам поддршката на членството и делегатите“, посочи Трајковски. 

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни