Вашингтон со нова голема инвестиција го потврдува значењето на критичните минерали за економијата и националната безбедност. Американското Министерство за енергетика додели 500 милиони долари на седум проекти за ископ и преработка на минерали, производство на батерии и рециклирање.
Еден од проектите е на Nth Cycle, компанија за рафинирање на критични метали поддржана од „Трафигура“. Во Македонија „Трафигура“ е позната како компанија поврзана со инвестицијата во проектот за бакар Иловица-Штука.
Nth Cycle ќе ги искористи средствата за капацитет за преработка на „црна маса“, материјал што останува од батериите и содржи минерали кои можат повторно да се извлечат и искористат. Овој сегмент добива дополнително значење откако американската администрација претходно овој месец го блокираше извозот на „црна маса“.
Трендот е дел од поширока глобална трка за обезбедување критични суровини. Владите и компаниите се обидуваат да изградат сопствени синџири на снабдување и да ја намалат зависноста од Кина, особено кај минералите неопходни за енергетиката, технологијата и производството на батерии.
Групацијата Трафигура, во чие портфолио во фокус се и критичните минерали, е мнозински акционер во „Еуромакс ресоруцес“, која е носител на проектот за рудник за бакар во Иловица. Инвестицијата е во застој и покрај фактот дека бакарот се смета за еден од најкритичните минерали, потребен во повеќе индустрии, а особено важен за одбраната и зелената транзиција.
Инаку, како што соопштија од американското Министерство за енергетика (DoE), избраните проекти ја унапредуваат агендата на претседателот Доналд Трамп за зајакнување на домашните синџири на снабдување со критични минерали во Америка, намалување на зависноста од странски извори, зајакнување на националната безбедност и унапредување на американската енергетска доминација. Во Македонија пак, се актуелизираше соработката со американското Министерство за енергетика откако преку Стратешкиот дијалог со САД, на компанија и беа доделени пет милиони евра за геолошки истражувања за антимон недалеку од Крива Паланка.
„Предолго време Америка зависеше од странски актери во снабдувањето со критичните материјали кои се неопходни за современиот живот, кои ја поткрепуваат нашата економија, енергетската безбедност и националната безбедност. Претседателот Трамп ја надминува таа зависност, преку обезбедување на наши синџири на снабдување со критични минерали, ослободување на американската индустрија и враќање на производството и преработката на критични материјали во Соединетите Држави“, изјави американскиот секретар за енергетика Крис Рајт.
„Министерството за енергетика презема решителни мерки за да ги обезбеди критичните синџири на снабдување неопходни за напојувањето на нашата нација. Овие проекти ја нагласуваат посветеноста на Министерството за енергетика за поттикнување на иновациите, намалување на зависноста од странски извори и промовирање на американската енергетска доминација“, изјави помошничката секретар за енергетика, Одри Робертсон.
Како што се додава во соопштението, критичните минерали и материјали се од суштинско значење за американската индустрија, за производството на енергија и за националната безбедност. Проширувањето на домашниот капацитет ќе помогне ресурсите што ѝ се потребни на Америка да се преработуваат, произведуваат и рециклираат во Соединетите Американски Држави.