Крива Паланка нема да биде пречка за реализација на стратешките национални проекти, но ниту ќе дозволи локалната инфраструктура да биде уништена без соодветен надомест и заштита. Ова е јасниот став на градоначалникот Сашко Митовски, кој во гостувањето на „Ноќно студио“ на 4ТВ истакна дека Општината мора да го заштити својот имот додека траат крупните градежни зафати на нејзина територија.
Заштита на патната мрежа со записници и гаранции
Митовски нагласи дека Општината била активен партнер во изработката на проектната документација и служела како клучна алка помеѓу министерствата и граѓаните. Сепак, тој инсистира на прецизни правила пред механизацијата да излезе на терен.
„Ќе побараме црсти гаранции за состојбата на локалната патна мрежа. Со соодветни записници ќе се констатира состојбата пред почетокот на активностите, а ќе инсистираме и на утврдување на алтернативни пристапни патишта“, изјави Митовски.
Нов надомест за тешки товарни возила
Како дополнителен механизам за заштита, Советот на Општина Крива Паланка веќе донел одлука со која се утврдува надомест за користење на локалната патна мрежа за тешки товарни возила. Иако градоначалникот признава дека оваа мерка можеби нема да биде доволна да ја покрие целата штета, таа е неопходен чекор за одржување на инфраструктурата.
Баланс меѓу економијата и инфраструктурата
И покрај строгите барања за заштита, Митовски останува принципиелен во поддршката на државните стратешки проекти, за кои смета дека носат долгорочен развој.
„Општината во ниту еден случај не треба да биде пречка за проекти од национален интерес кои значат индиректна економска придобивка за нашите граѓани. Мојата позиција е заштита на локалната инфраструктура, но со јасен поглед кон економските придобивки што ги носат овие инвестиции“, заклучи градоначалникот.
Додека темите за евроинтеграциите на национално ниво стагнираат, локалната власт во Крива Паланка се обидува да изменаџира деликатен баланс: да биде дел од „големата слика“ на развојот, без притоа да дозволи граѓаните да останат со уништени патишта и локални проблеми.
