Кривична пријава до ОЈО Битола за отворањето на БИТФЕСТ

Дали Општината работела неправилно при изборот на изведувач-организатор за свеченото отворање на БИТФЕСТ, денес Јавното обвинителство даде потврда на информациите дека битолскиот обвинител ги проверува наводите за неправилности при организацијата на свеченото отворање на БИТФЕСТ оваа година.

Во соопштението се вели: „До Основното јавно обвинителство Битола е доставена кривична пријава за настанот. Пријавата е распоредена кај јавен обвинител кој презема дејствија на проверки и ги испитува наводите во предистражна постапка.“

Прашањето за начинот на кој беше избран организаторот на свеченото отворање ја разгоре советничката дискусија на Комисијата за јавни дејности и седницата на која се расправаше за зголемување на буџетот за култура за 2024 година.

За музичкиот спектакл „Ѕвездена симфонија“ oпштината без претходен јавен повик го организирала свеченото отворање со здружението на граѓани „Мјузик арт“. Комисија за евалуација составена од општински административци одлучувале по барањето кое до Општина го испратиле „Мјузик Арт“ и уште еден правен субјект. Советничките прашања и расправа доведоа до споделување на информациите дека само за свеченото отворање на БИТФЕСТ 2024 година Општината потрошила околу 1,5 милион денари, средства кои пред ребалансот на Буџетот беа предвидени за сите настани кои би се реализирале во битолското културно лето.

По реакцијата на советниците и јавноста, Општина Битола информираше дека изборот бил согласно законските прописи, дека со решение на градоначалникот била формирана шестчлена комиосија за поединечна евалуација на поднесени барања за финансиска поддршка за Програмата за култура и дека била избрана понудата која била двојно помала.

Откако се случи свеченото отврање, Општината објави јавен повик за настани кои би биле дел од БИТФЕСТ, а од совениците побара промена на буџетот за БИТФЕСТ.