Кривична пријава и итна обнова за оштетената куќа на авторот на химната, Владо Малески

Ќе има одговорност за сериозните оштетувања на куќата-музеј на Владо Малески во Струга, а Министерството за култура и туризам веднаш ќе започне проект за нејзина обнова и реставрација, најави денеска ресорниот министер Зоран Љутков. Тој лично ја посети локацијата откако темелот, ѕидот и кровот на објектот, кој е заштитено културно наследство, беа оштетени при изведба на градежни работи на соседната парцела.

„Како министер за култура и туризам, најостро го осудувам секое неодговорно постапување што доведува до уништување или загрозување на заштитени објекти. Културното наследство е непроценливо богатство кое не смееме да го загрозуваме од небрежност, несовесност или краткорочни интереси“, изјави Љутков.

Тој информираше дека Управата за заштита на културното наследство веќе извршила увид и констатирала сериозни оштетувања, по што ќе следуваат соодветни пријави.

Во меѓувреме, и Министерството за внатрешни работи најави кривична пријава против сторителот. „На 15 октомври 2025 година, во 11:00 часот во ОВР Струга е пријавено дека лице од струшкото село Велешта, при изведување градежни работи… со работна машина го поткопал темелот од јужниот ѕид на куќата-музеј. По целосно расчистување на настанот, против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело ‘оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство’“, велат од МВР.

Директорот на Заводот за заштита на спомениците и музеј Охрид, Горан Патчев, предупреди на итноста на ситуацијата. „Објектот е од слаб материјал, ѕид од камен и дрвена кровна конструкција што може дополнително да предизвика поголема штета. Затоа теренот мора да се исчисти, да се обезбеди кровот, да се влезе внатре и да се спасат артефактите кои се внатре“, вели Патчев.

Куќата на Малески, авторот на македонската химна, е еден од најзначајните симболи на антифашистичката борба во Струга. Во неа, во 1941 година, народниот херој Кузман Јосифовски-Питу одржал конститутивен состанок на Месниот комитет на КПЈ за Струга и Струшко.