Македонија

Кривична пријава за даночно затајување: Фирма и управител го оштетиле буџетот за 3,8 милиони денари

Кривична пријава за даночно затајување: Фирма и управител го оштетиле буџетот за 3,8 милиони денари

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против сопственик и управител на правно лице, како и против самата компанија, поради сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“, со што, според пријавата, Буџетот на државата бил оштетен за 3.852.067 денари.

Од Управата информираат дека пријавата е поднесена до Основното јавно обвинителство Гевгелија против физичкото лице Т.Д., во својство на управител на правното лице.

Според сомненијата, управителот во периодот од 2024 до 2025 година, иако имал законска обврска, не пријавил и не уплатил надоместок за отпад за увезен текстил кон Министерството за животна средина и просторно планирање.

Со тоа, пријавениот, постапувајќи спротивно на одредбите од Законот за управување со дополнителни текови на отпад, овозможил противправна имотна корист за себе и за правното лице, додека државниот буџет бил оштетен за над 3,8 милиони денари.

Од Финансиската полиција посочуваат дека со цел да се прикрие непријавувањето и неплаќањето на законскиот надоместок, управителот на 17 април 2026 година започнал постапка за ликвидација на фирмата пред Централниот регистар.

Случајот е предаден на надлежното обвинителство, кое треба да постапи во рамки на своите надлежности.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни