Македонија

Кривична пријава за даночно затајување: Тројца сопственици и управители осомничени за оштетување на Буџетот за 4,6 милиони денари

Кривична пријава за даночно затајување: Тројца сопственици и управители осомничени за оштетување на Буџетот за 4,6 милиони денари

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против три физички лица, како и против правно лице, поради сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“.

Според информациите од Финансиската полиција, пријавените лица, кои биле управители и сопственици на фирмата, со своите дејствија го оштетиле Буџетот на Република Северна Македонија за вкупен износ од 4.677.362 денари.

Како што се наведува во пријавата, првопријавениот Д.П., во својство на управител, заедно со Г.З., сопственик и овластен потписник на банкарската сметка, како и И.Ѓ., поранешен сопственик на правното лице, во април 2024 година договориле и реализирале продажба на производна линија за кабли во вредност од 14.514.000 денари.

Продажбата, според сомнежите, не била евидентирана во сметководствената документација на компанијата. Дел од средствата, во износ од 2.701.189 денари, биле префрлени на лични сметки на пријавените и на блиски лица, без да бидат заведени како приход на фирмата.

Финансиската полиција утврдила сомнежи и дека дел од трансакцијата била реализирана преку компензација – со патничко возило во вредност од 1.537.500 денари и кабли во вредност од 1.516.500 денари, кои исто така не биле евидентирани во документацијата и не биле пронајдени во фирмата.

Дополнително, управителот на правното лице не ги отпишал и не ги оданочил неплатените обврски кон домашни и странски добавувачи од 2022 година, во вкупна вредност од 17.380.716 денари.

Со преземените дејствија, осомничените не пресметале, не пријавиле и не уплатиле данок на додадена вредност од 272.970 денари, данок на добивка од 3.764.991 денари и данок на личен доход од 639.401 денари.

Поради тоа, според Финансиската полиција, е предизвикана вкупна штета на државниот буџет од 4.677.362 денари. Случајот е доставен до надлежното обвинителство за понатамошно постапување.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни