Кумановската полиција го расчисти случајот со пријавеното насилство врз 14-годишна девојка, при што се поднесени кривични пријави против 18-годишна девојка и две малолетнички од Куманово.
Од СВР Куманово информираат дека е поднесена пријава против П.А. (18) од село Лојане, општина Липково, како и против две малолетни лица на возраст од 14 и 15 години од Куманово, поради сомнение дека сториле кривично дело „насилство“ согласно член 386 став 3 од Кривичниот законик.
Според пријавеното, на 13 март 2026 година околу 18:00 часот, трите девојки ја повикале малолетничката да излезе од нејзиниот дом, по што ја убедиле да замине со нив во просторија во близина на спортскиот центар „Соколана“ во Куманово.
Таму, според пријавата, најпрво ја навредувале, а потоа физички ја нападнале, додека целиот настан го снимале со мобилен телефон.
По нападот, осомничените ѝ се заканиле на девојчето да не го пријавува случајот и да не зборува за снименото видео, упатувајќи ѝ закани дека може да ѝ се случи нешто полошо доколку го открие настанот.
Полицијата по преземените мерки го документирала случајот, а против пријавените лица ќе продолжи соодветната постапка пред надлежните институции.