Силното невреме кое денеска во попладневните часови го зафати Скопје го крена на нозе Кризниот штаб на Град Скопје. Службите и екипите на јавните претпријатија се целосно мобилизирани и веќе се наоѓаат на терен за брза интервенција во подрачјата каде што се пријавени штети и поплави.
Како што информираше градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, градските капацитети се ставени во целосна функција со цел навремена заштита на граѓаните и спречување на поголеми материјални последици.
„Во постојана координација сме со Центарот за управување со кризи (ЦУК), МВР, ЕВН, Противпожарната бригада на Град Скопје и сите останати надлежни институции. Екипите ќе бидат на располагање во текот на целата ноќ и ќе интервенираат секаде каде што ќе биде потребно. Не можеме да го запреме невремето, но можеме организирано, одговорно и заеднички да спречиме поголеми штети“, истакна тој.
Ѓорѓиевски упати апел до скопјани за максимална внимателност, смиреност и соработка со надлежните служби кои го санираат теренот, порачувајќи дека „граѓаните не се сами“.
Претходно, преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 беа пријавени десетици случаи на поплавени куќи, подруми, магацини, како и заглавени возила во неколку скопски подвозници и кружни токови, каде што сообраќајот во моментов е сериозно отежнат или во прекин.