Претседателот на Собранието, Африм Гаши, 43. пленарна седница ја започна со честитки до припадниците на ромската заедница по повод 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите. Сепак, набргу по стартот на седницата, пратеникот од Левица, Борислав Крмов, побара процедурално обраќање, изразувајќи незадоволство поради тоа што поднесената декларација за признавање на државата Палестина веќе пет месеци е закочена во собраниските процедури.
Крмов го повика Гаши да постапи согласно член 126 став 3 од Деловникот, кој предвидува можност претседателот на Собранието да свика седница на работно тело доколку тоа не го стори претседателот на комисијата.
„Од 8 ноември, декларацијата за признавање на Палестина е заглавена во Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија. Во меѓувреме, сведоци сме на видео-снимки од Газа, каде луѓе, меѓу нив жени и деца, летаат во воздух поради експлозии. А ние тука, не можеме ни дебата да отвориме“, рече Крмов.
Тој ги обвини Влен и Европскиот фронт дека ја блокираат иницијативата, иако, како што рече, токму нивните гласачи се меѓу најголемите поддржувачи на палестинската кауза. Воедно побара пауза од еден час и одржување ад-хок координација за да се разгледа можноста за дебата по оваа точка.
Инаку, на денешната 43. седница се разгледуваат вкупно 28 точки, од кои поголемиот дел се закони во прво читање, со предлог да се носат по скратена постапка.