Сопственикот на „Марковски компани“ и почесен конзул на Белорусија, Борче Марковски, ќе се брани од слобода. Основниот суд во Битола ја прифати понудената гаранција во имот и механизација, и покрај првичните противења на Обвинителството.
Рекордна гаранција во имот и машини
За да го напушти притворот во кој се наоѓаше од 9 октомври минатата година, Марковски заложи сериозен имот чија вредност е проценета на 4,9 милиони евра. Гаранцијата вклучува:
- Куќа со двор и три станови во Битола;
- Вкупно 25 булдожери и камиони во сопственост на компанијата.
Од Судот појаснуваат дека оваа сума е скоро трипати повисока од имотната корист за која се терети обвинетиот. Покрај ова, на Марковски привремено му е одземен пасошот и има обврска еднаш неделно да се јавува во судот. Истовремено, замрзнати се и парични средства на неговите и сметките на правното лице.
Обвинение за милионски малверзации во РЕК Битола
Одлуката за ослободување доаѓа откако во јануари годинава беше покренато обвинение против Марковски, двајца вработени во неговата фирма и петмина поранешни раководители во РЕК Битола, меѓу кои и екс-директорот Пеце Матевски.
Групата се сомничи за незаконска наплата на над 1,7 милиони евра (106,2 милиони денари) од РЕК Битола за услуги кои, според Обвинителството, никогаш не биле извршени.
Судот возвраќа на обвинувањата
Преку официјално соопштение, Основниот суд Битола ја образложи својата одлука, но и упати критики до Обвинителството. Од Судот прашуваат зошто од деветмина обвинети, обвинителството побарало притвор само за две лица. Исто така, посочуваат дека за еден од другите осомничени, обвинителството веќе дало позитивно мислење за гаранција во недвижен имот вреден 169.286 евра.
„Марковски компани“ со години е доминантен играч во енергетскиот сектор, добивајќи огромни тендери за ископ на јаглен и механизација во РЕК Битола. Само во 2024 година, компанијата остварила приходи од над 45 милиони евра, додека во 2023 година го доби рекордиот тендер вреден 46 милиони евра.
Целата одлука ТУКА

