Ќура ќе го продава „аудито“ на Мерко!

Претседателот на Општинската изборна комисија, Минир Жута, денеска официјално му го врачи уверението на новиот градоначалник на Општина Струга, Менди Ќура. Во општинската зграда потоа се одржа церемонијата на примопредавање на функцијата од досегашниот градоначалник, Рамиз Мерко.

На својата прва прес-конференција, Ќура се заблагодари на поддршката од граѓаните и вети дека ќе биде градоначалник за сите, без разлика на нивната политичка определба. Тој најави дека веднаш започнува со реализација на ветените проекти и дека „денес почнуваат промените во Струга“.

– Денеска почнуваме од зборови на дела. Промените почнуваат. Моја прва одлука е продажба на службеното возило „ауди“, а јас својот приватен автомобил ќе го користам за службени потреби. На него стои и бројот 133 – мојот изборен и среќен број. Овој автомобил од денес ќе ѝ служи на Општина Струга во наредните четири години – изјави Ќура.

Тој најави и итни мерки за редовност во администрацијата:

– За сите вработени кои не доаѓаат на работа со денови, месеци, па дури и години, а некои од нив се и во странство, денеска започнува процес на раскинување на решенијата за вработување – нагласи новиот градоначалник.

Како приоритети во својот мандат ги посочи реконструкцијата на патот Мороишта–Струга, решавањето на проблемот со паркинг просторот и унапредувањето на комуналната инфраструктура.

Во однос на депонијата, Ќура изјави дека очекува проблемот да биде трајно решен со отворањето на регионалната депонија во 2026 година. Тој додаде дека во координација со Владата, во наредните денови комуналното претпријатие ќе добие 8.000 нови канти за отпад и дополнителни возила за одржување на градот.

Новиот градоначалник најави и ревизија на работата на Општината и на сите јавни претпријатија, како и формирање специјални комисии кои ќе ја евидентираат фактичката состојба на терен.