Патните трошоци на функционерите се злоупотребуваат, што создава голема фрустрација кај граѓаните, велат од Левица, предлагајќи законско решение кое ќе стави крај на астрономските суми што се исплаќаат од државниот буџет.
Предлог: Патните трошоци да се пресметуваат според реална потрошувачка на гориво
Според предлогот на Левица, патните трошоци би се ограничиле и би се пресметувале според реалната пазарна цена на горивото:
„Предлагаме патните трошоци да се калкулираат според потрошувачка од 6,5 литри гориво на секои 100 километри. Ова е далеку пореално и рационално решение кое ќе биде прифатливо за целиот парламент и ќе стави крај на злоупотребите.“
Од партијата нагласуваат дека поддржуваат и целосно укинување на патните трошоци, но предложеното решение е направено за да биде поприфатливо за мнозинството.
Левица: Нашите пратеници не користат патни трошоци и кирии
Од Левица потсетуваат дека нивните пратеници не користат надоместоци за патни трошоци, ниту за кирии, иако имаат претставници од Гевгелија и Струга, од каде други пратеници земаат и по 800.000 денари за патни трошоци.
„Пратениците од Левица сами си ја плаќаат киријата во Скопје од својата плата. Апелираме до мнозинството и до власта на седницата в среда да го усвојат овој закон!“
Според нив, средствата што сега одат за прекумерни патни трошоци може да се пренаменат за подобрување на здравствени и социјални услуги, со што би се помогнало на сиромашните и ранливите категории граѓани.
Левица очекува поддршка од парламентот, но останува да се види дали мнозинството ќе го прифати предлогот.