Истрагата за смртта на тројцата мажи чии тела беа пронајдени кај опожарената колиба „Петрохан“ отвори сериозни сомнежи за постоење на педофилска мрежа.
Телата на жртвите, на возраст од 45, 50 и 51 година, беа откриени по сигнал на мајката на еден од починатите, која претходно примила вознемирувачки повик од својот син со зборовите: „Не можам повеќе да издржам“.
Според изјавата на градоначалникот на селото Гинци, Георги Тодоров, тројцата мажи биле пронајдени со прострелни рани во главите, а на местото биле откриени три пистолети, една карабина и голем број чаури. Иако првично се трагало по четири лица, на терен биле пронајдени три тела, додека по останатите членови на групата, кои се сметаат за содружници на загинатите, полицијата сè уште трага. Постојат информации дека дел од нив веќе го напуштиле реонот и се упатиле кон Бургас.
Случајот станува уште поскандалозен со информациите дека објектот служел како камп управуван од невладина организација чиј сопственик, кој не е меѓу жртвите, се претставувал како будистички „лама“ и веќе неколку години живее во Мексико.
Локалното население тврди дека во реонот често биле забележувани деца кои наводно биле користени за проституција. Постојат извештаи за најмалку две жртви на возраст од 9 и 15 години, а роднините се сомневаат дека децата биле силувани и чувани од вооружени мажи.
Колибата била под засилено обезбедување со огради, бариери, камери и дронови, а мажите кои престојувале таму често ги сопирале туристите и им барале документи под изговор дека ја штитат животната средина. Истрагата открива дека низ годините биле поднесувани пријави до обвинителството и Агенцијата за заштита на децата, но од полицијата во Софија велат дека до нив не стигнал официјален сигнал за нелегални активности од страна на оваа организација.
Во пожарот кој двапати избувнувал во објектот настрадале и неколку кучиња кои биле затворени внатре. Истражните органи во моментов ги вештачат одземените видеозаписи и камери со цел да се утврди точната хронологија на настаните и да се потврдат наводите за сексуална експлоатација на малолетници.
